Остануваат повисоките царини за доматите, пиперките, јаболката, крушите, сливите, малините и грозјето, на кои отпаѓа најголем дел од македонскиот извоз на косовскиот пазар, е епилогот на денешната средба на министерот за економија Крешник Бектеши со косовскиот министер за индустрија и трговија, Бајрам Хасани.
За тоа дали воведените повисоки царини за дури 30 насто ќе се вратат на претходното ниво ќе одлучувала косовската влада на седница зашто тоа била владина мерка.
„Добив уверување од косовската страна дека овие наши забелешки ќе бидат земени предвид и со оглед на фактот што станува збор за владина одлука, на првата наредна седница на Владата на Република Косово, аргументите кои ги дадовме од наша страна ќе бидат изнесени пред членовите на Владата за да се изнајде решение кое ќе биде взаемно прифатливо. Јас и лично верувам дека во најсокоро време ќе ја продолжиме досегашната одлична трговска соработка, во корист на земјоделските производители и бизнис заедницата од двете страни “ стои во писменото соопштение на министерот Бектеши.





