Македонските одбојкари и по четврти пат без злато во Европската сребрена лига

Проклетството наречено „Европска (сребрена) лига“ продолжи да ја прогонува одбојкарската репрезентација на Македонија, која ни во своето четврто финале не го освои златниот медал, овој пат губејќи од Данска со 3:1, и тоа како домаќин на завршниот турнир во Струмица.



По Словенија, Естонија и Украина, и Данците беа подобри од „црвено-жолтите“ во мечот за трофејот, иако Македонија го доби првиот сет со 25-23.

Новиот шампион убедлив во вториот (25-19), а третиот го извлече со 27-25, откако избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ се вратија од -4 и во финишот водеа со 22-20.

Во последниот сет домаќинот пропушти да израмни на 18-18 и тука, всушност, ја потпиша капитулацијата, бидејќи Данците го добија сетот со 25-19 и изборија пласман во Европската златна лига.

Мечот се одигра пред публика по одлуката на Владата да дозволи исполнување на капацитетот на салата „Парк“ до една третина, а меѓу гледачите беа и премиерот Зоран Заев и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски.