Триумфален пречек за фудбалската репрезентација на Македонија приредија нејзините навивачи на плоштадот „Македонија“, заблагодарувајќи им се за историската победа од 1:0 над европскиот шампион Италија во Палермо во полуфиналето од мундијалскиот бараж.
Пред нив се појавија неколкумина од македонските фудбалски херои, меѓу кои стрелецот на голот Александар Трајковски, капитенот Стефан Ристовски, голманот Столе Димитриевски, кои најавија дека ќе се обидат да направат подвиг и во вторник против Португалија во Порто.
„Благодариме за поддршката. Не можевме сите да дојдеме, но ете дојдовме за да ве испочитуваме. Навистина сакаме да ви се заблагодариме. Имаме уште еден натпревар и ветувам дека ќе дадеме максимум како што дадовме вчера. Ви благодарам уште еднаш“, им се обрати Ристовски на фановите, кои ги пречекаа и ги испратија со громогласно скандирање „Ма-ке-до-ни-ја!“.






