Четирикратниот светски фудбалски шампион Германија ќе ја збогати прославата на Денот на востанието на македонскиот народ 11 Октомври в година со дуелот во Скопје со репрезентацијата на Македонија во квалификациите за Светското првенство 2022 во Катар.



Првиот меѓусебен дуел воопшто, пак, е закажан за 31 март како последен од првиот квалификациски „прозорец“ од три меча, кој за Македонија ќе почне шест дена претходно таму каде што ќе дебитира на Европското првенство – во Романија. Меѓу тие две средби, „црвено-жолтите“ на 28 март ќе го пречекаат Лихтенштајн.

По ЕП во јуни, на 2 септември во Скопје ќе гостува Ерменија, три дена подоцна е натпреварот во Исланд, а на 8 септември Македонија ќе ја пречека Романија.

Три дена пред скопскиот реванш со Германците, избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе му гостуваат на Лихтенштајн, а на крајот од квалификациите на 11 ноември прво доаѓа Романија, а три дена подоцна се спушта завесата со Исланд во Скопје.

Победникот на групата Ј ќе се пласира на СП, а второпласираниот оди во баражот.