Во Египет и Мароко даваат големи поволности на инвеститорите во обезбедување машини, а имаат и млада работна сила. Западноевропските компании ги намалуваат нарачките за текстил во Македонија и се селат во Египет и Мароко. Четири штипски конфекции веќе се соочени со намалено производство. Македонија повеќе не е интересна за странските партнери од текстилниот сектор, поради недостаток на млада работна сила. Македонските конфекционери во моментот се соочуваат со намалување на нарачките и најавите дека странските партнети ќе заминат од земјава, а своите бизниси ќе ги продолжат во земјите од северна Африка.

Ангел Димитров од Организација на работодавачи вели дека причината е рецисијата на европскиот пазар, а како втор проблем е и заминувањето на странските партнери.
„Стопанствениците засега не ги затвараат капацитетите и се снаоѓаат со домашно производство. Ова се случува поради тоа што брендовите сфатиле дека во нашата земја нема доволно млада работна сила. По Нова година ќе се знае дали ќе се продолжи со производство или ќе мора да се затворат дел од капацитетите. Доколку се случи затварање на фабриките, според анализите на улица ќе останат текстилните работнички над 50 години“, вели Димитров.

Освен во текстилната индустрија, недостаток од работна сила има и во градежништвото и угостителството. Анализите покажале дека во моментот се бараат над 10 000 работници во сите сектори.





