Аријан Адеми, играч за врска на Динамо Загреб и на репрезентацијата на Македонија, го понесе признанието за фудбалер на годината во Хрватска во изборот на капитените на прволигашите.



Во годинашниот 18. избор на „Т-портал“, Адеми доби 66 бода, 20 повеќе од второпласираниот Мијо Цакташ од Хајдук.

„Мислам дека нема поголема чест и задоволство од тоа кога за најдобар ќе те изберат лица што се занимаваат со истата работа како и ти. И затоа овој трофеј ‘Капитените бираат’ ќе има посебно место во мојата кариера“, изјави 29-годишниот Адеми при добивањето на признанието.

Секој капитен избираше пет играчи за кои смета дека покажале најмногу во годината што изминува, па најдобриот се доби со собирање на гласовите, а максимумот е 100 бода.

Со оваа награда, Адеми влезе во редот на великаните на хрватскиот фудбал што ја добиле, како Нико Крањчар, Едуардо да Силва, Лука Модриќ, Марио Манџукиќ, Андреј Крамариќ, Франко Андријашевиќ итн.