Македонскиот „институт“ на Каракачанов против Македонците

Бугарската влада веќе петта година по ред го финансира здружението „Македонски научен институт“ (МНИ) кој, меѓудругото, има за цел да ја „расветлува насилната денационализација на бугарското население во Македонија“, пренесуваат бугарските медиуми истражување на бугарската редакција на „Слободна Европа“.



МНИ е директно поврзано со партијата ВМРО-БНД на актуелниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов..

Исплатата од буџетските средства започнала паралелно со поддршката на Каракачанов за владата на Бојко Борисов и ГЕРБ во периодот 2014-2017 година. Институтот е создаден во 1990 година како наследник на Македонскиот научен институт од 1923 година.

Ставката во буџетот преку која бугарското министерство за образование одвојува средства за овој Институт е истата преку која се финансираат и институции како Црвениот крст, сојузите на лицата со инвалидитет, Бугарската православна црква и други.

Истражувањето на Слободна Европа открива дека МНИ воопшто не е акредитиран како научен институт, и покрај името.

Седиштето на „Институтот“ се наоѓа во зградата на ВМРО-БНД во Софија. Обидот на новинарите да добијат став за тоа како ова здружение ги троши државните пари, како од членовите на Институтот така и од пратениците на ВМРО во бугарскиот парламент, завршил неуспешно. Пратеникот на партијата на Каракачанов, Јулијан Ангелов порачал дека „нема никаков престап во тоа што Македонскиот Институт добива пари“ и дека Слободна Европа има проблем „ако продолжи да им угодува на македонистите и на Скопје“. Дојче веле