По примерот со името на државата Македонија оспорено од Грција, украинската писателка за деца Лариса Ницој предлага и Русија да си го смени името и во иднина да се вика Московија, објави украински „Обозревател“!
Својот предлог Ницој го објаснила со тоа дека коренот „рус“, наводно, е украден од Украинците.
„Вие и јас сме, всушност, Руси, а тие се Московити. Московското царство со указ на царот Петар Први себеси се нарекло Рус. Замислете денес Германија да се разбуди, а Франција да издаде указ – ние денеска сме Германија“, изјави таа.
Ницој тврди дека царицата Катарина Втора издала декрет според кој сите што себеси се нарекуваат Московити треба да бидат казнети со тепање.
„Тоа е историски факт, тој се наоѓа во музеите“, тврди писателката позната по провокативните настапи.
Реакција стигна од Русија, од каде што реагираа двајца народни избраници.
„Сè било Киевска Русија. Тие го украле Киев од Русите. Подобро би се согласил со тоа“, изјави пратеникот во Државната дума, Леонид Калашников.
„Кога економијата и социјалната сфера се соочуваат со сериозна криза, корупцијата зајакнува, а од државата остануваат само спомени и ништо друго, на луѓето им останува само да живеат во замислено славно минато“, истакна сенаторот Франц Клинцевич.
Според него, таквите псевдо-историски екскурзии се огледало на ситуацијата во која се наоѓа Украина во моментов.




