Грчкиот весник „Прототема“ го посочува „Македонски телеком“ за прекршување на Преспански договор, според него, со тоа што и понатаму за маркетиншки цели го употребува името (Република) Македонија, без „Северна“.
„На патниците што или влегуваат, или се доближуваат до границите на територијата на Северна Македонија и понатаму им се посакува добредојде со СМС-пораки во кои се вели ‘Добредојдовте во Република Македонија’, и покрај тоа што Преспански договор ја забранува употребата на терминот од соседот на Грција на север“, пишува „Прототема“, на која ѝ боде очи и мотото „Најдобрата мрежа во Македонија“.
„И… тоа е приватна компанија, па можат да прават што сакаат. Приватните компании, поединци, граѓанското општество, невладините организации, црквите – буквално сите се слободни да велат Македонија бидејќи тоа е името на земјата, а слободниот говор е белег на демократијата. Лелекави, плачливи Грци“, коментира на Твитер поранешниот почесен конзул на Македонија во САД, Џејсон Мико.





