Македонски спасувачи извадија жива жена од урнатините во Адијаман 114 часа по земјотресот

Припадници на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) извлекоа жива жена од урнатините на зграда во јужниот турски град Адијаман, 114 часа од катастрофалниот земјотрес што ја погоди Турција во понеделникот наутро, што беше поздравено со овации од присутните.



Македонските спасители внимателно ја кренаа 38-годишната Мелтем Унсал на носилки покрај скршени бетонски блокови и искривен метал до амбулантно возило, соопшти ДЗС, а крајот на успешната операција го овековечи камерата на турската државна телевизија ТРТ.

Адијаман истиот ден беше посетен од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој лично се увери каква трагедија го снајде градот погоден од потресите со јачина од 7,8 и 7,5 степени според Рихтеровата скала.