Софискиот Македонски научен институт (МНИ) поставува осум барања пред бугарската Влада во врска со претстојната одлука околу отворањето преговори со Македонија за членство во Европска унија.
Претседателот на МНИ, Александар Гребенаров, на прес-конференција соопшти дека Институтот се залага Бугарија пред Владата во Скопје да ги постави следните осум задолжителни барања: „да се признаат бугарските корени на мнозинството од населението во историско-географската област Македонија, да се осудат политичките убиства и репресии против Бугарите извршени по 1944 година, да се променат учебниците и помагалата во кои историската вистина за Бугарите во Македонија е изменета, да се отстранат натписите на спомениците, на музејските експонати и друго со антибугарска содржина, да се преосмислат националните празници насочени против бугарската држава, да се стави крај на јазикот на омразата кон Бугарите во медиумите, да се признае дека официјалниот јазик според Уставот на Северна Македонија е формиран врз основа на бугарски говори и и да им се дадат граѓански и политички права на Бугарите еднакви на правата на другите етнички групи во земјата“.
Заменик-претседателот на МНИ, Георги Николов, истакна дека „бугарските корени во историско-географската област Македонија се признати не само од бугарските, туку и од низа европски научници“.
Според него, „во Северна Македонија многу се потпираат на тоа дека неколку генерации се воспитувани во македонистички дух“, поради што требало да се промени напишаното во учебниците. Во нив, вели Николов, „или се краде бугарска историја, која се претставува како основа на македонската, или се премолчуваат и менуваат факти“.
МНИ е основан во 1923 година.





