Македонски камионџија почина по сообраќајка на автопат во Германија

Возач на камион од Македонија почина по сообраќајна несреќа
вчераутро на автопатот А6 во близина на Шмидгаден во југоисточна Германија во правец кон Чешка.



Несреќата се случила кога во средата околу 9:30 часот 62-годишниот државјанин на Македонија со своето товарно возило излетал од коловозот, ја пробил заштитната ограда што го дели од спротивниот правец и застанал на средината меѓу двата дела од автопатот.

„Возилото сè уште работеше. Досега нема сведоци од несреќата“, изјави полицискиот претставник Тобијас Матес.

Според полицијата, првите лица што притекнале напомош се обиделе да го реанимираат мажот, но без успех. Тој починал подоцна на местото на несреќата, но не од повредите предизвикани од неа. Јавниот обвинител во Амберг наредил обдукција за да се разјаснат причините за смртта и го запленил возилото.

Повикан е експерт од „Декра“ за да се разјасни текот на несреќата. Полицијата ја проценува штетата на околу 120.000 евра.