Окружното обвинителство од Пловдив покрена обвинение против 44-годишниот македонски државјанин со иницијали С.Т. за обид за поткуп на двајца полицајци на автопатот „Тракија“ на 25 септември, пишува „Пловдив 24“.
Движејќи се во правец од Пловдив кон Софија, возачот на камион „сканија“ со македонски таблички направил прекршок со тоа што се паркирал на помошната лента за да направи пауза од 45 минути, зошто му истекувало дозволеното време за возење без одмор. Во меѓувреме поминала сообраќајна патрола, која го забележала товарното возило, запрела до него и му побарала документи на возачот.
Свесен дека направил прекршок и ќе биде казнет, тој вметнал банкнота од 10 евра во пасошот и заедно со другите документи го оставил на багажникот од полицискиот автомобил. Притоа им кажал на полицајците дека банкнотата е наменета за двајцата. Но, тие не ги зеле парите и веднаш се јавиле на дежурниот полицаец за истрага, а на камионџијата му напишале казна.
Обвинетиот е задржан 72 часа по барање на обвинител, по што му се определени мерка за неоддалечување и гаранција од 200 лева и му е изречена забрана да ја напушти Бугарија.






