Македонски “АнтиПреспа Форум” VS “Преспа Дијалог Форум” – пишува Свето Тоевски

Формирање „Македонски антиПреспа – форум“ како прв чекор на македонското колективно „не“ на „Преспанскиот договор“ е предлогот на авторот Свето Тоевски во неговата најнова колумна која ја објавуваме во целост:



Јас сум Македонец и говорам македонски јазик, кој постои околу три илјади години, со етногенеза и лингвагенеза (создавање народ и создавање јазик) врз основа на античкомакедонската компонента, проткаена и надополнета со старословенската компонента. Со оваа прва реченица на овој текст јас му одговарам на завршното прашање „А ти?“ на акад.Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ, од неговата колумна под наслов „Напиши нешто, барем со мали букви, не биди… тоа не личи на тебе“ објавена во весникот „Нова Македонија“ на 3.7.2021 година, со која тој и директно се обраќа прашално до секој припадник на македонската нација. Целосно застанувам зад ставовите на Коцарев изнесени во неговото интервју, каде што тој предупредува дека директно како последица на „Преспанскиот договор“ се започнати процесите на изумирање на македонскиот идентитет и на создавање некаква нова „северномакедонска нација“.
Јас ќе дополнам и оти се интензивирани процесите на создавање вештачки „северномакедонски јазик“ наместо се уште присутниот македонски јазик, а во прилог кон ова еве еден факт: на страницата на влијателната американска веб – страница „Quora“, своевиден интернет – форум на кој самите интернет – корисници поставуваат прашања, на нив мнозина други даваат одговори, се изнесуваат цели мислења и ставови за загатнати теми, со месечна посетеност од 300 милиони луѓе месечно на веб – страницата во минатата година, ги има и следниве прашања: „Од каде дошол северномакедонскиот јазик“ Дали современиот северномакедонски јазик е сличен на јазикот на античките Македонци? Зошто има толку многу грчки зборови во северномакедонскиот јазик?“ Доволна е и само бегла анализа, за да се види дека речиси исцело во одговорите на овие прашања учествуваат Грци, но и понекој странец, и сите тие , всушност, ја создаваат и ја шират низ светот свеста за постоењето на „северномакедонскиот јазик“. Покрај ова, „северномакедонскиот јазик“, но и „северномакедонскиот идентитет“ забрзано циркулираат во меѓународните институции, во публицистиката, во меѓународната комуникација. По некое пократко време тоа би си дошло на ред и во самата Македонија.

Ова е идентитетски инженеринг поттикнат од глобалните центри на политичката моќ врз основа на „Преспанскиот договор“, но и со „Договорот за добрососедство“ со Бугарија. Овде е време, со тонови на смиреност, политичка мудрост и со сета достоинственост и цивилизациска сила, со кои располага македонската нација, да му се одговори на почитуваниот американски дипломат Филип Рикер и на неговиот став дека „Преспанскиот договор е завршена работа“, оти „тој е исклучително достигање“ и дека претставува „вистински пример на храбра, прагматична дипломатија“. Не, кога станува збор за судбината и елементарната егистенција на цела една нација – македонската, тогаш ниеден правен договор не може да биде и нема да биде „завршена работа“.

Во светската политичка историја ќе остане запишан обидот со еден ваков антицивилизациски и нечовечен договор да им се оспори правото на цел еден народ да бидат тоа што биле од искона до денес. „Преспанскиот договор“ не е никаков пример на дипломатски дострел, туку тој претставува грубо и безобѕирно газење на политичката волја на македонскиот народ на референдумот од 2018 година, со кој тој му кажа не на „Преспанскиот договор“, но наспроти тоа тој беше наметнат, со цела серија драстични кршења на македонскиот устав и многу закони во Парламентот се „протна“ „Преспанскиот договор“.

Но, авторот на овие редови се спротивставува на какви било изливи на антиамериканизам, на навредите што веќе му се упатуваат лично на Филип Рикер низ социјалните мрежи. Не, потребен е достоинствен иколективен одговор на целата македонска нација и да им се објасни на Американците, ако е тоа можно, дека нивна работа е какви ќе имаат свои стратегиски, воени и политички односи со Грција, но и оти треба Македонија и Македонците да ги истават настрана од тие односи. Оти нивна работа нека си биде какви ќе имаат односи, да не речеме и пресметки, со другите светски сили, Русите и Кинезите, но пак Македонија и Македонците да ги истават настрана „од линијата на огнот“. Македонија како простор на политичката неутралност на Балканот.

„Преспанскиот договор“ треба самите Македонци да го поништат – за тоа постои цел арсенал на веќе употребливи меѓународно-правни и домашни правни инструменти – и тие самите на своите соседи да им предложат градење вистински добрососедски односи, арно ама, со целосно почитување на македонскиот идентитет и јазик, на сите идентитетски белези на македонската нација, на нејзиното културно и духовно наследство, на нејзината историја. Ако тоа не биде прифатено, Македонците ќе мора да продолжат да живеат, штитејќи го по секоја цена своето „колективно јас“ како народ, но и практикувајќи мудра и трпелива политичка филозофија на афирмација, унапредување и развој на своето национално битие.

Основоположникот на македонизмот Крсте Мисирков уште пред 118 години во „За македонцките работи“, поставувајќи го прашањето „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“ и упати повик на македонската интелигенција од тоа време, повик кој се акуелизира и во денешните судбински мигови: „Задак’ата на македонцката интелигенциiа от сега на тамо ке требит да бидит … да се одделат … интересите на македонците од интересите на друзите балканцки држаи и народи, и да се изучат подробно сите прашаiн’а врзани со избавуаiнето на нашиiо народ и нашата таткоина от сегашното големо бедствиiе, и со процветааiн’ето на нашиiо народ во дуовен и материален однос. Таiа задак’а iет многу тешка и требуат големи заiеднични усилиiа. За тоа изучуаiн’ето на таiа задак’а и исполнуаiн’ето неiно бараат участiе во неiа от сите македонцки словени, без разлика на верцка или нацiонална боiа. … македонцката интелигенциiа без разлика на пропаганди, требит да устроiат своiи македонцки собири, на коiи ке се разгледуваат и решаваат прашаiн’а за дуовното и нацiонално процветуаiн’е на македонците.“ Согласно со овие ставови на Мисирков, авторот на овие редови смета дека треба да се конституира „Македонски антиПреспа – форум“ најпрвин со учество на широк круг македонски интелектуалци и научници, со поддршка и од македонската дијаспора, како спротивставеност на „широката меѓународна прослава на Преспанскиот договор“ „Преспа – форум“ во Охрид. Нека остварувањето на иницијативата за конституирање на „Македонскиот антиПреспа – форум“ ја продолжи на ниво на МАНУ нејзиниот претседател Коцарев.
За крај на овој текст, неговиот автор продолжува да го шири прашањето на Коцарев, со цел и други засегнати да одговорат на него, сите оние што се чувствуваат како Македонци, а не како „северноМакедонци“: Јас сум Македонец и зборувам македонски јазик што постои повеќе од 1.000 години. А ти?