Поранешениот македонски амбасадор во Ватикан и Кина Оливер Шамбевски пред неколку дена доживеал тежок инфаркт но благодарение на тројца македонски кардиолози тој останал жив.
Шамбевски својата лична приказна ја сподели со јавноста со цел предупреди и други луѓе од последиците од нездрав начин на живот но пред се за да им се заблагодари на здравствените работници со кои Македонија треба да се гордее.
,,Пред некој ден доживеав акутен инфаркт кој се должи пред сѐ на мојот нездрав начин на живот, стресот акумулиран во овие 30 години битки секојдневни за Македонија, исхрана базирана на јагленихидрати и масти како и долгогодишното пушење на 40+ цигари на ден.
Е сега ова што се случи за мене беше добро школо, а ова што денес можам да напишам статус е едноставно милост Божја, но и брилијатноста на македонските доктори!
Искрено сакам да се заблагодарам на д-р Aleksandar Jovkovski, кој направи чудо, ама навистина чудо и со неговата храброст, подготвеноста да се преземе ризик, неговата експертиза и знаење јас сум денес овде и ве замарам со вакви статуси!
Овде сум исто така и заради д-р Ivica Bojovski , кој експресно реагираше на приемот, неговиот човечки и професионален однос кој ниту ја аугментираше ниту ја диминуираше состојбата, туку во детал објасни што треба да се очекува и практично го поплочи патот за успешноста на интервенцијата.
И секако голема благодарност до д-р Dusan Petkovski, кој со неговото знаење и експертиза како и со тимот сестри и болничари на интензивна нега на Кардиологија направија сево ова мое искуство да биде за мене памет и школо, а не да служи за реминисценции на моите најблиски.
Затоа, она што сакав да го потенцирам, она што мора на сите да ни биде јасно и многу често да го зборуваме е дека ние во Македонија имаме брилијантни доктори кои се светска класа….
Сериозно светска класа! Ги испратив моиве резултати и опис на интервенцијата на едни пријатели во Италија и ми рекоа дека нивните доктори не би биле толку храбри, ниту вешти!
Не сакам да одам во детали да објаснам зошто го тврдам ова базирано на мојот случај ама верувајте еднакво е на чудо!
И знаете што, не се тие доктори виновни што здравствениот систем ни е распаднат, виновни сме сите, а ние што се занимававме со политика можеби најмногу, што се правеа политички компромиси дури и во здравството предолго време и тоа во принцип на штета на докторите и на медицинскиот персонал.
И уште нешто, овие тројца и еден куп други врвни доктори одбраа да останат на Скопските клиники и да се борат одвнатре за подобрување на состојбите иако убеден сум дека можат да отидат каде сакаат на белиов свет и да бидат одлични и конкурентни!
Капата доле за вас! Ви благодарам!
#Важное да се менуваат работите на подобро”, пишува амбасадорот Шамбевски.





