Македонската Влада во Србија разговара за брзи пруги, а дома ни се распаѓа железницата

Македонската Влада оди во соседна Србија и разговара за брзи пруги, а дома не се знае како и кога ќе се санира 65 метарски долгиот железнички мост. Село гори, баба се чешла. За очајната состоба на железничкиот сообраќај во Македонија, министерот за транспорт и врски топката ја префрли кај Македонски железници. Тој најави нови оператори кои ќе пружаат услуги во железничкиот сообраќај бидејќи досегашните одвоени средства од Владата за железници не дале ефекти.



Министерот Бочварски стави потпис на документ за изградба на брза пруга Ниш – Скопје, долга над 150 километри. Тој заедно со неговиот колега министерот за транспорт и инфраструктура Весиќ, денеска во Белград со меморандум за соработка го отворија патот за овој проект, со кој до двата града планот е да се стигнува за два часа. Застанати еден до друг зборуваа за важноста на пругата. Планот е потоа да разговараат и со колегите од Грција, за продолжување на пругата и кон Солун, дестинација до која  од тука одамна нема конекција, но нема и ниту една друга меѓународна линија.

Земаме обврска за овие проекти да обезбедиме средства од меѓународните финансиски институции да час поскоро започнеме со реализација на оваа регионална иницијатива. Со министерот Весиќ во рок од две недели ќе формираме работна група и таа работна група ќе почне да работи на акционен план со динамика за реализација на овој проект. Коридорот 10 за регионот е најзначајниот европски коридор кој не поврзува со Средна Европа и мораме да ги користиме потенцијалите и придобивките, а инвестициите не само што се потребни, туку се и неопходни за да останме конкуретни на останатите рути во железничкиот и во товарниот транспорт.“ – изјави министерот Бочварски од Белград.

И додека во Белград се разговара за брзи пруги и возоови кои ќе возат со 160 километри на час, тука надлежните прават напор што е можно поскоро да го санираат железничкиот мост долг 65 метри, поради кој неколку дена  товарниот железнички сообраќај е во прекин, бизнисот број штети, а патниците останаа со само еден воз.

Македонската железница е во тотален колапс. Пругите се стари, локомотивите децениски. Линии секојдневно се укинуваат, машиновозачите постојано се на блокади, а финансиските проблеми големи. Единствениот воз пак  кој им остана на граѓаните е оној од Скопје до Велес.

Постојано се прави дотур на пари од буџетот за да може железница да преживее. Но, од долгогодишниот  загубар, за кој никој до сега не најде решение, Бочварски очекува подобра услуга.И додека се трасира патот за изградба на нова пруга од Ниш до Скопје, се уште се чека да се заврши онаа децениската, до Бугарија. Овој проект е ветуван во речиси сите изборни програми на сите влади, но никако да се види крајот.