Македонската влада влезе во конфликт со двајца балкански лидери

Владата во Скопје јавно навреди двајца западнобалкански лидери и започна дипломатска војна со засега непознати регионални шефови на држави и влади кои според официјално Скопје се авторитарни односно владеат недемократски.



Дипломатскиот инцидент со регионални реперкусии го предизвика вчера заменикот министер за надворешни работи Андреј Жерновски кој учествуваше на дебата за проширувањето на ЕУ при што порача дека Македонија направила голем чекор напред со Преспанскиот договор но дека ако за тоа не биде наградена, ЕУ ќе го влоши својот имиџ на Западниот Балкан.

Навредата кон засега непознатите регионални лидери е направена во делот од неговата изјава која зборува за пораките од Брисел до регионот односно до авторитарните лидери на Западниот Балкан.

“Со Преспанскиот договор ние направивме голем чекор напред. Ако ЕУ не ги награди нашите напори таа ќе загуби многу од својот кредибилитет во регионот и ќе испрати погрешна порака и до реформски ориентираните и до авторитарните владетели во Западниот Балкан”, изјави вчера Жерновски на форумот за Западен Балкан организиран од Институтот за Демократија од Скопје.

Кои се најмалку двајцата авторитарни лидери на Западниот Балкан не откри вториот човек во македонската дипломатија.

Листата на која треба да се бараат најмалку двајца автократи во регионот не е многу долга.

Ако се исклучат Македонија и федерацијата Босна и Херцеговина каде владее колективно претседателство тогаш листата е кратка и на неа се косовскиот претседател и премиер Хашим Тачи и Рамуш Харадинај, албанскиот претседател Илир Мета и премиерот Еди Рама, српскиот двоец премиерот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и претседателот на Република Српска Милорад Додик.

Листата станува уште пократка ако од неа се исклучат Брнабиќ и Мета кои иако на важни позиции не можат да наметнат авторитаризам во своите држави поради слабата персонална моќ и видот на политичките системи во нив.

Тоа би значело дека најмалку двајцата западнобалкански авторитарни лидери според Жерновски треба да се бараат меѓу Вучиќ, Рама, Тачи, Харадинај, Додик и Ѓукановиќ.

Освен ако заменикот на Димитров и сега висок функционер на СДСМ не мислел и на неговиот шеф во Владата Зоран Заев и новиот претседател Стево Пендаровски.