„Македонска заедница во Малта“ примена од премиерот Мускат

Претставници на организацијата „Македонска заедница во Малта“, предводена од претседателот Максимилијан Казаков, вчера се сретна со премиерот на островската држава Џозеф Мускат.



На средбата на која присуствуваше и министерката за европски прашања и еднаквост Хелена Дали, Македонците од Малта велат дека наишле на големо разбирање за прашањата што ги засегаат.

„На средбата се разговараше за повеќе теми кои се од интерес за македонските граѓани и тоа за влезот во државата, за потешкотии и непријатности кои се појавуваат при аплицирање за работна дозвола, за потребата за конечно и системско решавање на проблемот со високите цени за сместување и манипулациите со кои се соочуваме од страна на некои сопственици на станови и за можноста за интензивирање на соработката меѓу Македонија и Малта на економски, но и на културен план.
Премиерот ни укажа дека, поради зголемениот интерес на странски државјани кои доаѓаат да работат во Малта, од суштинско значење е системот за проверка за влез и излез да биде во согласност со европските регулативи, со цел избегнување на нелегална миграција. Во наредниот период работни тела од наша страна заедно со миграциската полиција ќе остварат состанок. 
Скорешните реформи кои ќе ги спроведе Владата ќе го подобрат квалитетот на услугите при добивање на работни дозволи. Владата веќе работи на изнаоѓање на начин за контрола на високите цени за сместување, на што ни укажа министерката на оваа средба. 
‘Македонска заедница во Малта’ ќе биде дел од повеќе владини комисии и тела кои работат на подобрување и интегрирање на немалтешките заедници кои живеат и работат во Малта. Ова за нас како заедница е од исклучително важно, а со цел да го подобриме статусот на Македонците во Малта. 
Премиерот и министерката, искажувајќи се со пофални зборови, ги охрабрија младите Македонци да продолжат достоинствено да се претставуваат во Малта и да ја одржуваат одличната репутација која ја уживаат како македонска заедница.
Во знак на благодарност за приемот од премиерот, му подаривме икона со ликот на Исус Христос како симбол на христијанството на кое припаѓаат двата народа, добро познато македонско вино, слика со ликот на Мајка Тереза, како и рачно изработени филиграни пафта (невестински украс од 18 век). 
Би сакале да се заблагодариме за срдечниот пречек, големото разбирање, како и пријатната атмосфера во која се одвиваше оваа средба. Понатамошната соработка на обострано задоволство продолжува“, стои во соопштението на „Македонска заедница во Малта“.