Македонија не само што добива донации од медицинска опрема во времето на коронакризата, туку и извезува, како што е случајот со 25.000 заштитни маски од македонска фирма за германскиот град Хам.
Маските ги нарачала тамошната компанија за заштитна работна облека АРР, која и самата се преориентирала кон производство на памучни маски за лице и веќе донирала 24.000 на локалните болници, но побарувачката од пензионерските домови и од противпожарната служба ги принудила да увезат од Македонија.
„Многу компании во Македонија исто така брзо се свртеа кон производство на маски, така што нивното население може да биде опремено за многу кратко време и маските може да се достават до Хам преку АРР“, изјави за локалните медиуми извршниот директор Кристијан Унрух.
Во Хам, град со 180.000 жители во покраината Северна Рајна Вестфалија, до средата беа регистрирани 175 лица позитивни на коронавирус и осум смртни случаи.





