За прв пат по 2004 година кога за последен пат македонска владино-црковна делегација го чествуваше Илинден во Прохор Пчински Македонија ќе биде присутна на местото на одржување на АСНОМ.
По цели осумнаесет години, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката државнo-црковна делегација ќе се упати во посета на манастирот „Св.Прохор Пчински“, каде што е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година, соопшти Кабинетот на претседателот.
По тој повод, претседателот Пендаровски остварил телефонски разговори со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и со поглаварот на Српската православна црква, патријархот г. г. Порфириј.
Двајцата претседатели во разговорот се согласиле дека релациите меѓу двете држави бележат одличен развој во повеќе области. Посетата на манастирот „Св. Прохор Пчински“, која се случува по речиси две децении е позитивен импулс за отворање нови поглавја во меѓусебните релации, стои во соопштението.
Во разговорот со г.г. Порфириј, претседателот Пендаровски се заблагодарил на патријархот за одлуката да биде овозможена посетата на манастирот која следува со прифаќањето на автокефалноста на МПЦ – ОА од страна на СПЦ.
Во состав на македонската делегација ќе бидат членови на Собранието и на Владата на Република Македонија и претставници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.





