Откако Бранко Героски, новинар и уредник во порталот „Плусинфо’, деновиве  објави написи во кои посочува на крупен криминал во кој учествуваат сопственик на една ТВ, уредник во истатаа, висок партиски функционер на владеачка партија поврзани со рекет, тој почна да добива закани и уцени.



Од Македонската асоцијација реагираа со соопштение во кое се вели:

„Досега се посочени четири примери, а новинарот Героски најави продолжување на сторијата со нови случаи на рекет и уцени кои се движат во стотици иљади евра, па и повеќе. Героски поради ова се соочува со закани и уцени од луѓе кои се директно и индиректно поврзани со овие случаи на рекет и уцена со намера да престане со објавите, што тој и самиот го објави во својата колумна. МАН бара од извршителите на тие закани и уцени кон Героски да запрат со своите дејствија и остават новинарот да ја работи слободно и непречено својата работа што му е гарантирано и со законите на оваа држава“, бараат од МАН.

Оттаму исто така бараат од Јавното обвинителство да ги истражи посочените случаи и да преземе итни мерки, особено затоа што се работи за спрега помеѓу висок партиски функционер и сопственик на медиум во уцените и заканите на бизнисени и градоначалници бидејќи, и според закон ОЈО мора да делува според допрен глас, а гласот за ова е повеќе од јавен.

„Веќе подолг период меѓу новинарите се познати поголем дел од случаите за кои пишува сега Героски, познати се и имињата на оние кои вршеле уцени и рекет, како и на жртвите, а за некои од уценувачите Финансовата полиција има отворен случај, но без завршница. Новинарот Героски се осмели да пишува за она што сите го гледаме и знаеме, но другите таа храброст и упатеност во случајов ја немале, и Героски ја има целосната поддршка од МАН да продолжи да ја врши својата работа професионално и одговорно кон јавноста“, потенцираат од МАН.