Николина Источки ја израдува македонската заедница во Канада со пласманот во финалето на шампионатот на Северна и Централна Америка и Карибите (КОНКАКАФ) за фудбалерки до 15 години во Тампа како напаѓач на земјата на олимпискиот првак од Торонто.
Источки, чиј татко Трајче е роден во Торонто, а мајката Нада во Пустец, Албанија, е најдобар стрелец на Канаѓанките со три гола, од кои два во стартниот триумф над Јамајка од 5:0 и еден во победата над Порторико од 4:1.
Во третиот меч од групата таа и нејзините врснички загубија со 1:0 од САД, со кои ќе ги одмерат силите и во утрешниот дуел за златниот медал, а во полуфиналето, кое заврши без голови, беа подобри од Мексико со 6:5 на пенали.
Николина е родена во 2007 година во Мисисага, а фудбал почна да тренира на девет години во локалниот Мисисага фалконс. Горан Пандев ѝ е меѓу машките фудбалски идоли, покрај Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Нејмар итн.






