Инспирирана од сопственото трауматично искуство со британското здравство, Македонката Дафина Маловска покрена кампања за воведување годишен гинеколошки преглед во Велика Британија, како во родната Македонија, каде што тој е бесплатен.



Кога имала 35 години, таа веќе четири години се мачела со надуеност на стомакот, за која нејзиниот лекар оценил дека е од нетолеранција на глутен. Но, и по целосното исфрлање на пченицата од нејзината исхрана немало никаква разлика, а гастроентеролошките тестови не покажале ништо лошо во нејзиниот стомак, па ѝ било советувано да консумира јогурти „Активија“ за да ја надмине надуеноста.

„Секој пат кога ќе го посетев мојот лекар, можев да почувствувам од нејзината реакција дека мисли оти сум хипохондрик. Таа никогаш не го допре мојот абдомен или да ме испитува, ниту еднаш“, вели Дафина за „Ај њуз“.

Така било сè додека таа не почнала да крвари одвреме-навреме четири месеци подоцна, па нејзиниот општ лекар ја упатил на гинеколог. Додека го чекала закажаниот преглед, Македонката што 14 години живее и работи во Лондон заминала во Македонија на роденденот на нејзината сестра и таму се консултирала со гинеколог. Тој ѝ направил детален преглед и притоа ѝ открил тумор долг 14 см и тежок 500 грама во нејзината матка.

Четири дена подоцна ѝ била извршена операција за отстранување на туморот, но притоа било утврдено дека тој се проширил на јајниците.

„Бев уништена и шокирана. Сè се случи толку брзо“, се сеќава таа. „Ми беше кажано дека ќе морам на нова операција таа вечер за целосна хистеректомија за да ги отстранам мојата матка и моите јајници со цел да си го спасам животот“.

Без никакви опции во однос на зачувувањето на плодноста, Дафина морала да се согласи на операција.

„Спасувањето на мојот живот беше приоритет, па само требаше да го сторам тоа. Се чувствував многу емотивно, а морав да се помирам со сето тоа одеднаш. Тоа беше многу, многу тешко. Подоцна имаше денови кога се чувствував изгубено. Имав 35 години, немажена и неплодна и само се прашував дали ако запознаам некого – ќе ме прифати? Дали некој ќе се согласи да биде со мене, знаејќи дека нема да можеме да имаме свои деца?“, вели таа.

По операцијата во Македонија, Дафина била упатена во болницата „Ројал Марсден“ во Челзи, во Лондон, кога се вратила во Англија. Сега во ремисија, Дафина ќе треба редовно да оди на магнетна резонанца во наредните десет години за да го следи нејзиното здравје. При едно од тие скенирања таа почувствувала лутина.

„Се најдов себеси таму размислувајќи: ,Како завршив овде? Како се случи сето ова со мене?’ Откриениот тумор беше толку голем. Сфатив дека многу од ова можело да се спречи ако некој ме прегледал порано“, вели таа.

Без оглед на исходот од сопствената кампања, Дафина се надева дека нејзиното искуство може барем да покрене дебата.

„Многу сум среќна што петицијата преку мојата приказна веќе има едуцирано околу 9.000 луѓе. Треба да стане нормално да се зборува за тоа“, вели таа. „Во спротивно, како ќе го скршиме табуто?“.