Атрактивната Емилија Михаилова, Македонка од Швајцарија, осамна на насловната страница на германското издание на магазинот „Плејбој“.
Списанието за мажи во својот најнов број за месец мај, кој е во продажба од денеска, има интервју со фотографии од 29-годишната кандидатка на шоуто „Германија бара суперѕвезда“ на телевизија РТЛ, направени во Јужна Африка, каде што се снимаа последните епизоди од шоуто.
Со своите стас и глас, таа ги освои машките членови на жирито, шефот Дитер Болен и музичкиот продуцент и диџеј Мусе Т., уште на кастингот во јануари во Келн.
„Ќе додадам гас, танцувам и се обидувам да пренесам сè колку што е можно автентично“, вели таа за „Плејбој“, додавајќи дека вистинскиот избор на песни е важен колку и секси облеката.
На прашањето дали не сфатила дека шефот на жирито Болен флертува со неа, таа одговара: „Да, но тој има девојка. Тоа е само едно шоу“.
Истакнувањето на својата женственост таа го сфаќа како дел од шоубизнисот.
„Во секој случај. Веќе не сум мало девојче. Јас сум жена и добро се чувствувам во мојата кожа. Јас сум само тоа што сум, а многумина ми кажуваат дека тоа е секси. Затоа, си мислам – добро, останувам така“, вели Македонката.
Стоматолошката секретарка и фотомоделка, која е родена и живее во Роршах кај Сент Гален и која за швајцарскиот весник „Тагблат“ нагласува дека нејзина татковина е Македонија и оти редовно ја посетува родната земја на нејзините родители, минатата сабота се проби меѓу десетте најдобри во германското ТВ-шоу.
Следната емисија во која Михаилова повторно ќе се обиде да ги истакне својата заводливост и гласовните квалитети пред милионска публика е в сабота од 20:15 часот на РТЛ.






