Македонистката Елка Јачева Улчар јавно прашува каде тргнала Македонија.
Quo vadis, Македонијо?
До кога ќе ги понижуваш, ќе ги шиканираш, ќе ги оставаш на работ на егзистенција умните, чесните, учените и лојалните Твои граѓани кои сакаат да Те видат блескава и горда во големото семејство на народите?
Quo vadis, Македонијо?
До кога ќе наградуваш и ќе правиш богаташи и херои од подлизурковци, силеџии, криминалци, терористи, од заучени и недоучени профитери од македонството и уставокршачи кои сакаат да Те свалкаат под дното на калта во која одамна си потоната!
Quo vadis, Македонијо?
Излези, Македонијо, од твоето нагрдено руво: валкана си и немиена годиништа, облеката ти е искината на многу места и нечист ветер фури низ скинатицити и цепотините! Не срами се од тоа што си денес. Не си ти виновна. Овие вторите се погрижија да го обезличат Твоето убаво лице! Доста молчеше и голташе покорно. Доста гувееш, Македонијо, ко млада невеста! Одамна веќе не си тоа! Исправи се, Македонијо! Покажи ја твојата стаменост, домаќинлак, гордост и цврстина! Ти горда, Ти убава, Ти мила, МАКЕДОНИЈО – пишува професорката во врска со последните настани во земјава.




