Фудбалската репрезентација на Македонија води со 2:1 по првите 45 минути од полуфиналниот плеј против Косово на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.



„Црвено-жолтите“ поведоа во 16. минута со автоголот на Бенјамин Кољоли, кој ударот на Стефан Ристовски од десната страна го одби во сопствената мрежа.

Гостите израмнија во 29. минута по грешката на голманот Столе Димитриевски и на дефанзивецот Дарко Велкоски, која ја казни Флорент Хадерѓонај.

Четири минути подоцна ново водство на избраниците на селекторот Игор Ангеловски им донесе Велкоски, кој нафрлената топка од Енис Барди од слободен удар со глава ја смести во противничката мрежа.

Победникот од мечот ќе се пласира во финалето, воедно и директен дуел за Европското првенство, на 12 ноември во Грузија, која во првиот полуфинален меч дома ја совлада Белорусија со 1:0.