Македонија во топ 10 „извозници“ на корона во Германија

Македонија е во топ 10 земји од кои се вратени најмногу заразени лица со коронавирус во Германија во последните четири седмици, пишува онлајн изданието на германскиот магазин „Фокус“, повикувајќи се на податоците од Институтот „Роберт Кох“.



Во последниот речиси еден месец од Македонија во Германија пристигнале 92 лица кај кои е дијагностициран Ковид-19, со што земјава се најде на 10. место меѓу 15 најризични држави.

Неприкосновен неславен лидер на оваа листа е Косово со 1.096 позитивни случаи меѓу вратените во Германија во последните четири недели, над двојно повеќе од второпласираната Турција со 501!

Трета е Хрватска со 260, а пред Македонија се уште Србија со 196, Бугарија со 166, Босна и Херцеговина со 156, Романија со 113, Полска со 112 и Шпанија со 107.

Зад Македонија се Албанија со 86, Холандија со 50, Австрија со 44, како и Франција и Украина со по 43.