Капка Тодорова, дописничка од Берлин на бугарскиот портал и списание „Клуб З“, а пред тоа долгогодишна дописничка од Германија на весникот „24 часа“, смета дека брз влез на Македонија во Европската унија е во интерес на Бугарија и оти „ако Бугарија му наштетува на Скопје, си штети и себеси“.
„Дури и најжестоките националисти не можат да негираат дека добрите односи со Северна Македонија се од интерес на Бугарија. И тие можат да бидат добри само во политичка и економска заедница како што е Европската унија. За Бугарија, брзиот влез на нејзиниот сосед во ЕУ е од огромно значење и ќе донесе само придобивки.
За жал, последниве години македонското прашање е предадено на псевдонационалисти во Бугарија, кои го уништија добриот тон со Скопје и уништија голем дел од постигнатото во нашите односи со Македонците. А тажното е што причината за овој неуспех ни оддалеку не е некоја меланхолична идеја за заедничка историја, јазик, глупавата претензија за бугарска надмоќ и слично. На македонската карта се играше со единствена цел малите националистички формации во Бугарија да придобијат гласачи и да учествуваат во власта. А нивното учество во власта беше искеширано на најнечесен начин – да се потсетиме само на аферата со продажбата на пасоши.
Новата влада во Бугарија е пред голем предизвик да ги врати добрите односи со Северна Македонија, но тоа ќе биде тешко не само поради ескалацијата на национализмот кај нас, туку и поради испровоцираниот одговор во Македонија. Обичните граѓани на Бугарија и на Северна Македонија се жртви на националистите од двете страни на границата.
Не треба да ги набројуваме придобивките за Северна Македонија од чисто економски аспект доколку тие што поскоро станат членки на европската заедница. Големи ќе бидат и економските придобивки за Бугарија – пазарот станува покомпактен и помалку се пречките за слободна трговија и инвестиции, просперитетот се зголемува. Всушност, во интерес на Бугарија е сите земји меѓу нас и Западот да бидат членови на оваа заедница и да го затворат вакуумот од кој продолжуваат да изникнуваат демоните од минатото, кои на балканските народи им носат само војна, расправии и сиромаштија“, пишува Тодорова во својата анализа за „Клуб З“, пред да го искритикува бугарското оспорување на посебноста на македонскиот јазик.
„Се разбира, Бугарија би можела да има претензии против некоја држава што кандидира за членство ако таа не исполнува конкретни услови. Но, што точно има во условот за признавање на идентитетот, историјата, културата? Ова е спор кој може да се одолговлекува со векови и пак да не се најде конкретен одговор. Не му е местото на масата за политички преговори, туку на историски симпозиуми и на катедрите на универзитетските истражувачи. Уште понеразбирлив е јазичниот спор кој го достигна врвот на својата глупост кога при трагичниот инцидент со загинатите македонски државјани во сообраќајката на автопатот ‘Струма’ бугарските телевизии правеа интервјуа со Македонци без превод. Тоа што можеме донекаде да разбереме што кажуваат соседите, бидејќи имаме дијалектна форма блиска до нивниот јазик, ни оддалеку не значи дека нема македонски јазик. Или дека е ист со бугарскиот. Ќе биде ист со бугарскиот кога Красимир Каракачанов ќе излезе и ќе одржи говор на чист македонски без грешка барем 10 минути или кога Радев ќе ни ја покаже својата кореспонденција со Скопје на македонски – со нивната граматика и со нивната лексика. Кога колегите ќе напишат статија за весник на македонски јазик или кога историчарите ќе ги објавуваат своите истражувачки трудови на македонски јазик. Ако не можат да го направат тоа без специјално да го изучувале јазикот, значи дека тој не е бугарски. Од чисто лингвистичка гледна точка, тоа е јасно одамна. Македонскиот не е првиот јазик што се развива од друг – таква е всушност историјата на сите јазици. Малкумина знаат, на пример, дека германистите исто така тасе расправаат за тоа дали германскиот јазик е австриски германски или дијалектна форма. А малкумина знаат за тоа, бидејќи овие дискусии се чисто научни и никогаш (од 1938 година) не се мешале со политика. Кога таквите дискусии ќе станат политички, можеме брзо да се вратиме на годината во заграда. Ретко кој го сака тоа“, додава новинарката.
„Крајно време е Бугарија да почне да помага и да престане да штети, бидејќи нанесувајќи ѝ штета на Македонија, си нанесуваме штета и на самите себе“, заклучува Тодорова на крајот од подолгиот напис.






