Војната во Украина, растот на цените на енергенсите и храната како и сè уште актуелната пандемија на почетокот од годинава, ја забрзаа спиралата на инфлацијата. Предвидувањата иако се оптимистички со оглед дека се очекуваат позтивни резултати од преговорите на завојуваните страни, не ветуваат во поглед на инфлацијата и растот на економијата.
Експертите велат дека е реално домашната економија де влезе во стагфлација со инфлација, како последица на кризата која е предизвикана од војната во Украина.
Бизнисот веќе почнува да ги чувствува првите удари. Автомобилската индустрија е прва на која поради запирањето на производството во Украина и во Русија има намалено производство. Останатата индустрија засега не чувствува големи ефекти, бидејќи и потрошувачката во европските држави каде што извезува сè уште не е намалена на ниво кога нема да купува одредени производи.
Во јануари инфлацијата достигна стапка на раст од 6,7 отсто, а како што оцени Народната банка забрзувањето на годишната инфлација е одраз на порастот на регулираните цени на енергенсите, како и на растот на дел од прехранбените производи коишто имаат променлива динамика.
Банката, како што соопшти, внимателно ги следи сите промени и доколку растот на цените е од продолжен карактер и позначително влијае на инфлациските очекувања, таа е подготвена за соодветна реакција со инструментите со кои располага.
Оттаму додаваат дека меѓународните институции очекуваат стабилизирање на растот на овие цени во втората половина на годината и со тоа намалување на инфлациските притисоци.
Експертите велат дека инвазијата врз Украина ќе доведе до економска криза, а таа ќе се почувствува преку повисоките цени на производите поради поскапувањето на нафтата, преку намалената економска активност, бидејќи падот на руската економија ќе доведе до намалување на растот и на европската економија, а тоа ќе влијае и на намалување на растот на домашната економија која е директно поврзана со европската економија. Кризата, велат тие, ќе се почувствува и преку финансиските пазари и најверојатно ќе влијае на зголемување на каматните стапки.
Професорот Зоран Ивановски вели дека е реално во земјава да се очекува забавување на растот на економијата и пораст на инфлацијата, односно да се влезе во таканаречена стагфлација.
– Инфлацијата веќе надмина 7 отсто, меѓутоа има дилеми околу растот на економијата кој за годинава е планиран да изнесува над 4,6 отсто. Ценовните притисоци и натаму главно произлегуваат од фактори на страната на понудата, поврзани со промените на цените на глобалните пазари и влијанието на војната во Украина, односно геополитичките случувања. Сето тоа ќе влијае на намалување на потрошувачката во економиите на земјите каде што се извезуваат нашите производи, а како резултат на тоа ќе се намали производството на нашите компании. Според тоа, тешко дека економијата ќе го постигне планираниот раст и реално е да се очекува таа да се најде во стагфлација, односно стагнација на растот со инфлација – вели Ивановски.
Линк до целиот текст.







