„Македонија – вистинска бескрајна приказна“: За Делчев „името Бугарин е болест и Македонците не треба да ѝ се поддаваат“

Гоце Делчев, роден на денешен ден, на 4 февруари во Кукуш, во Егејскиот дел на Македонија, е раководител на македонското револуционерно движење, идеолог и водач на македонското ослободително движење на крајот на 19-тиот и на почетокот на 20-тиот век. Тој е бескомпромисен борец против врховизмот и за политичка самостојност на револуционерното движење за ослободување на Македонија.“ – напиша на својот фејсбук-профил д-р Александар Литовски, универзитетски професор во Институтот за национална историја.



Од друга страна, веб-страницата „Македонија – вистинска бескрајна приказна…“ („Macedonia : a True Endless Story…) во една објава на својот фејсбук-профил изнесува: „Македонскиот идеал за слободна Македонска држава бил спротивен на иредентистичката великобугарска државна идеологија. Делчев не може да биде херој на бугарската држава. Тој се борел за слободна независна Македонска држава, за македонската државност, односно за утврдување на македонската нација.

Историските факти ги обесмислуваат историските фалсификати на Бугарија Гоце Делчев да го прикаже како „бугарски револуционер“. Говорејќи за Бугарите, во одделни свои писма, Делчев ги навредувал нив. Во едно свое писмо, напишано на 11 март 1897 година, покрај другото, Делчев ќе напише: „Ако Бугарите не беа глупави, немаше толку да тлеат во ропство.“ Во едно друго писмо напишано на 18 мај 1897 година Делчев ќе ги нарече Бугарите „верни синови на демонот“.

„Македонија – вистинска бескрајна приказна…“ („Macedonia : a True Endless Story…) натаму пишува: Бугарските пропагандисти, политичарите и „историчарите“ се повикуваат само на едно писмо каде што Делчев, наводно, своерачно напишал „што да правиме кога си сме болгари“, за да ја докажат неговата наводна „бугарска национална припадност“. Ова е класична манипулација на бугарската пропаганда.

Се работи за писмото на Гоце Делчев  испратено до неговиот соработник и соборец Никола Малешевски (Кољо), во Софија на 5 јануари 1899 година, во кое пишува „што да правиме кога си сме болгари и страдаме од една иста болест.Но, еве што вели Гоце:Отцепувањата и расцепкувањата никако не треба да нè плашат. Жално е, но што да правиме кога си сме болгари и сите страдаме од една иста болест! Ако таа болест ја немаше кај нашите прадедовци, од коишто ни е наследство, тие немаше да потпаднат под грозниот жезол на турските султани. Наш долг е, се разбира, да не се поддаваме на таа болест, но колку можеме да влијаеме на другитe?“

Кога го читаме целото писмо, тогаш е сосема поинаква смислата на напишаното. Всушност, Гоце тука всушност настапува со иронија и сарказам. Поентата е дека бугарското (но и грчкото) име во Македонија е болест, нешто наметнато и оти Македонците страдаат, но и дека не треба да се поддаваат на таквите болести.“ Гоце Делчев веднаш потоа вели: „Сепак имаме нешто и од грчките болести – ‘колку глави – толку капетани’… Пустата слава! Секој сака да блесне, па не го знае фалшот на тој блесок. Тешко им на тие што страдаат под овие ‘комедии’.“

Според Гоце, бугаризмот и грцизмот се фалш-блесок на славата, болести на суетата. Бидејќи споменатово писмо  им се удри од глава, бугарските пропагандисти се повикуваат на Спомените на Константин Коце Ципушев и на весници издавани во живковистичка Бугарија децении по смртта на Делчев. Спомените на Коце Ципушев се издадени 194 година во нацифашистичка Бугарија, кога исто така, се фабрикуваат бројни бугарски фалсификати и манипулации.

Во писмо до Ефрем Каранов од 17 октомври 1895 Гоце Делчев вели: „Слободата на Македонија лежи во внатрешно востание. Кој мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите. …Ако востание може да се крене со 1-40 души, Македонија одамна ќе беше слободна државичка. Треба народ, но прво треба тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, којшто го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечка правдина. (Извор: 3борник „Илинден” 1903-1926 – Во спомен на големото македонско востание, книга петта, Софија, 1926, стр. 15-20).

Според белешките на бугарскиот писател Пејо Јаворов Гоце Делчев во една пригода изјавил: „Ќе го искинеме тоа було и ќе грејне Сонцето на слободата, но не бугарското сонце!“ „Повикот на Делчев – додека моето рамо крепи пушка, Македонија не ќе е достапна за бугарски офицер – многу јасно го карактеризира и како човек и како водач.“ (Извор: весник „Реформи“, бр. 28, Софија, 25 јуни 1905).

Во писмото од 1895 година Гоце Делчев говори за Македонците како посебен ентитет и за посебна Македонска држава, којашто допрва требало да се создаде. Тој говори и во други писма за Македонците, но и за бугароманските партизани, улави разбојници, шпиони, како спроведувачи на бугарската шовинистичка политика, од којашто најмногу трпел македонскиот народ…’ Гоце: „Дали има народ што толку многу страдал од своите синови изроди, како македонскиот?!“ (Извор: ЦПА, ф. 232, а. е. 19, л. 8-9.

Повеќе крвни потомци на Гоце ја потврдуваат неговата македонска националност. Милан Антонов е син на Христина Делчева-Андонова, една од сестрите на Гоце. Тој напишал свои Спомени во 1970-те, но тие никогаш не се целосно објавени. Во необјавените записи истакнува:Гоце Делчев со сета своја револуционерна дејност и со сфаќањата има извонреден придонес во обликувањето и развојот на македонската национална свест. Не бугарска, не српска, туку словенско-македонска!“, вели Милан Антонов во своите необјавени Спомени. (Извор: Му забележувам на Гоце што се бореше за македонска нација!“, „Публика“ – неделен политички магазин, 11 декември 2010, стр. 6-8).