Три дена по поразот од Украина во квалификациите за Европското првенство, фудбалската репрезентација на Македонија се рехабилитира со убедлива победа над Ерменија од 3:1 на пријателски натпревар во Струмица, кој селекторот Благоја Милевски го почна со осум замени во однос на стартниот состав во Прага.
Резултатот го отвори Александар Трајковски во 43. минута со својот 22. гол во 86. настап во националниот дрес, зацврстувајќи се на второто место на вечната листа, зад легендарниот Горан Пандев со 38 погодоци на 122 меча.
Зголеми Милан Ристовски во 59. минута, а триумфот го запечати дебитантот Ердон Даци во 88. минута, само три минути по влегувањето во игра.
Поразот на Ерменците го ублажи Едуард Спертсјан од слободен удар во четвртата минута од судиското надополнување.
Ова е шеста победа на „црвено-жолтите“ во меѓусебните дуели со екссоветската република, против која имаат и три нерешени и четири порази.






