Со максимални 3:0 против Босна и Херцеговина за 77 минути во Скопје, по сетови 25-16, 25-19 и 25-23, одбојкарската репрезентација на Македонија го почна својот настап во осмото издание на Европската сребрена лига.
Капитенот на вицешампионот, Никола Ѓорѓиев, со 25 поени беше убедливо најдобар поединец на средбата во арената „Борис Трајковски“, воедно и деби на македонската клупа на новиот селектор Ратко Павличевиќ.
Со 38. победа во 53. натпревар во своето седмо учетво во ова натпреварување, Македонија веднаш се најде на врвот во групата Б, пред Романија, која ја совлада Албанија со 3:1 во Тирана.
Токму Романците се следниот ривал на „црвено-жолтите“ в сабота во Галаци.
Двете најуспешни селекции од групата ќе се пласираат на завршниот турнир на 18 и 19 јуни во Унгарија. Шампионот ќе биде награден со 50.000 евра и со учество во Европската златна лига 2023.






