Македонија трета одзади во Европа според БДП и личната потрошувачка во однос на ЕУ

Бруто домашниот производ (БДП) по жител и вистинската индивидуална потрошувачка (АИЦ) во однос на просекот во Европската унија ја позиционираат Македонија на третото место одзади меѓу 36 земји од Европа опфатени со истражувањето на Евростат за 2021 година.



Македонскиот БДП од 13,88 милијарди долари или 6.721 долар по жител лани достигнал 42 проценти од просечниот на 27. земји-членки на ЕУ и по тој индикатор зад Македонија се само Босна и Херцеговина со 33 отсто и Албанија со 32 отсто.

Од другите земји во опкружувањето БДП на Србија е 44 проценти од тој во ЕУ, на Црна Гора 48 отсто, на Бугарија 57 отсто, на Турција 63 отсто, на Грција 64 отсто, на Хрватска 70 отсто, на Романија 74 отсто, на Унгарија 75 отсто, на Словенија 90 отсто итн.

На врвот е Луксембург со 2,68 пати повисок БДП од просекот во Унијата, следуваат Ирска со 2,19 пати, Норвешка со 1,67 пати, Швајцарија со 1,55 пати, Данска со 1,33 пати итн.

И според вистинската индивидуална потрошувачка од 51 процент во споредба со просечната во Европската унија, зад Македонија се само БиХ со 41 отсто и Албанија со 39 отсто. Веднаш пред нив се Србија, чија АИЦ е 53 отсто од тој во ЕУ, Црна Гора со 60 отсто, Бугарија со 65 отсто, Турција со 69 отсто, Хрватска со 72 отсто итн.

Луксембург е лидер и во овој параматер со АИЦ од 144 отсто од просекот во ЕУ, пред Норвешка со 126 отсто, Германија со 120 отсто, Данска и Швајцарија со по 119 отсто итн.

Вистинската лична потрошувачка се однесува на сите добра и услуги што ги купува едно домаќинство, но и услуги што ги обезбедуваат непрофитни институции или државата, како што се образованието или здравството.

Иако нивото на економски развој на една земја најчесто се изразува во БДП, фактичката индивидуална потрошувачка е корисна како неутрален индикатор за споредба на релативната благосостојба на потрошувачите во одредени земји.