Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) констатирала неправилности за проект од 2015 година, вреден 660.000 евра, за софтвер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). Препорачано е државата да ги врати парите.
Како што информира денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, не се работи за никаков договор или предмет поврзан со ИПАРД, туку за проектот што се реализирал преку ИПА поддршката за МЗШВ.
Имаме еден случај на ОЛАФ кој е завршен со препорака. Се работи за проект од 2015 година, но не поврзан со ИПАРД, туку со ИПА поддршка на МЗШВ за одреден софтвер за кој државата треба да ги врати парите. ОЛАФ спровела постапка и констатирала дека има неправилности поради што препорачува државата да ги врати средствата. За случајот, Владата на една од последните седници донесе Одлука согласно сите постапки и предметот е пратен во Обвинителството – рече Николовски.






