Со солзи во очите и неверување, соучениците и граѓаните денеска се збогуваат од 14-годишната Вања Ѓорчевска, која свирепо била убиена поради пари. Како што објави ДВ, се бара одговорност и високи казни, дури се покренува и прашањето за враќање во игра на доживотниот затвор за извршување на вакви грозоморни убиства. Опозицијата бара оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и одговори дали се прикривале важни сознанија околу извршителите и истрагата за исчезнувањето на малата Вања.

Нејзиниот случај доведе до откривање на уште едно свирепо убиство извршено од истата група – на фризерот Панче Жежовски од Велес, кој исчезна на 24 ноември. Тројцата приведени, кои ги извршиле убиствата поради пари, ги откриле локациите на коишто ги закопале телата на Вања и Панче. Но, во јавноста остануваат уште бројни прашања и дилеми околу двете свирепи убиства.
Досегашната истрага посочува дека Вања е исчезната и убиена на ист датум кога е и родена – 27-ми, но во различен месец. На 27 февруари 2024 година таа требаше да го прослави својот 15. роденден. Главниот осомничен за организирањето на целиот случај и за убиството на Вања, Љупчо Палевски – Палчо е во бегство – прво заминал за Белград, а потоа во Бугарија. Се прават напори за негово пронаоѓање. Со него за Белград заминал и неговиот адвокат.





