За Мирослав Лазански, српски писател, новинар и воено-политички коментатор, тажен настан е прифаќањето на Македонија, како што вели, да се понижи со промена на името заради влез во НАТО, со што, според него, ќе стане депонија за радиоактивна муниција.



„Македонија се согласи да биде понижена заради влезот во НАТО, односно не сите Македонци, туку дел од политичката елита се согласи државата да го смени името заради светлата иднина во Атлантски пакт. Единствената бивша југорепублика која по распадот на СФРЈ си го промени името. И тоа два пати, со што Македонија стана светски рекордер во менување на името на земјата. Како тоа ќе го забележи историјата останува да се види, главно за мене, кој воениот рок во ЈНА го служев во Битола, ова е тажен настан. Не поради влегувањето на Македонија во НАТО, таа веќе со години е неформална членка на тој сојуз, туку поради фактот дека една држава се согласува да си го промени името за да му пристапи на еден воен сојуз. Нечуено…“, пишува Лазански во својата колумна во српскиот весник „Политика“, пред да го објасни тврдењето за радиоактивната муниција.

„Што добива НАТО со влегувањето во членство на Македонија? Пред сè, воениот полигон Криволак, единствен полигон во Европа каде што се можни вежби со некои видови вистински бојни отрови. Ќе гаѓаат ли сега американските авиони А-10 цели на Криволак со муниција со осиромашен ураниум? Се разбира, бидејќи кој тоа во Скопје околу таа муниција би можел и да го праша големиот сојузник? Никој. Ќе бидат среќни ако големиот сојузник им вети дека Албанците еден ден нема да им ја растурат државата. Сè што добива Скопје со влегувањето во НАТО е тоа ветување. Усно, не и на хартија“, додава тој.

„Покрај Криволак, НАТО го добива на користење и цивилно-воениот аеродром во Петровец кај Скопје. Ништо ново, бидејќи досега го користеше како што сакаше. Со влегувањето на Македонија во сојузот, НАТО ја засилува копнената линија на комуникација: албански пристаништа – Македонија – бугарски пристаништа на Црно Море“, заклучува Лазански.