Македонските фудбалери утревечер ќе имаат максимална поддршка во дадените околности, односно 17 илјади навивачи од трибините на Националната арена „Тодор Проески“ ќе ги бодрат во обидот со победа над Исланд да изборат прв мундијалски бараж.



Поради мерките за заштита од коронавирусот, најголемиот стадион во државата ќе биде половично исполнет, а гледачи ќе има и на Источната и на Западната трибина, откако во рекорден рок се распродадоа влезниците по популарна цена од 100 денари.

„Црвено-жолтите“ со блескавата игра и триумфот од 5:0 над Ерменија во Ереван, но и благодарејќи на ремито без голови меѓу директниот ривал за второто место Романија и Исланд во Букурешт, во последното коло влегуваат како втори во групата Ј со 15 бода.

Трети со 14 поени се Романците, кои во истиот термин ќе му гостуваат на Лихтенштајн, а веќе на Светското првенство 2022 во Катар е Германија со 24.