На индексот на здравствена заштита за лицата постари од 60 години Македонија е на последното место меѓу земјите во регионот, во кој лидер е Хрватска, покажува последното истражување на бизнис магазинот „Сеоворлд“.
Од друга страна, трошоците за живот се најниски во Македонија, а највисоки во Словенија.
Севкупно најдобар живот во староста во регионот имаат Словенците, кои се наоѓаат на 29. место меѓу 105 земји опфатени со истражувањето, пред граѓаните на Хрватска, кои се 40. Следува Македонија, која е 54. во светот, а по неа една зад друга се Босна и Херцеговина (61. во светот), Србија (62.) и Црна Гора (63.).
Финска е најдобрата држава во светот за живот во старост. Ја следат Данска и Холандија, четврта е Швајцарија, а петта Австралија.
На дното е Ирак, а друштво му прават Кенија, Украина, Венецуела и Камбоџа.
Во светот живеат околу 901 милион луѓе постари од 60 години, а тој број ќе се удвои до 2050 година, кога се проценуца дека ќе ги има 2,1 милијарди или 21,5 отсто од светската популација.
Само во САД се очекува до 2060 година да има 98 милиони стари лица, повеќе од двојно од сегашните 48 милиони.






