Фарски Острови, дебитантот и едно од пријатните изненадувања на тековното Европско првенство во Германија, ќе ѝ биде противник на ракометната репрезентација на Македонија во баражот за Светскиот шампионат 2025 во Хрватска, Данска и Норвешка.



Избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе гостуваат во првиот натпревар на 18 мај, а реваншот е четири дена подоцна во Скопје, одреди денешната ждрепка во Келн.

Архипелагот во северниот дел на Атлантскиот Океан, со 52.889 жители во 2021 година според Светска банка, автономна територија во рамките на Кралството Данска, се пласира на ЕП како една од најдобрите третопласирани селекции во квалификациите, во кои славеа со 28:26 над Романија и со 33:26 против Украина.

На ЕП во Германија, пак, ја изненадија Норвешка, ремизирајќи 26:26, а загубија од Словенија со 32:29 и од Полска со 32:28, па завршија на 20. место, три позиции подолу од „црвено-жолтите“.

Први виолини во тимот се средниот бек Елиас Елефсен а Скипагету од Кил и десното крило Хакун Вест ав Теигум од Фуксе Берлин, со по 23 гола најефикасни играчи на Фарски Острови на ЕП, како и левиот бек Оли Митун.

Данскиот селектор Петер Бредсдорф-Ларсен има европско злато од 2008 година како асистент во Стручниот штаб на Данска.

Дерби на мундијалскиот бараж е двомечот Шпанија – Србија, а другите двојки се: победникот од Финска/Литванија – Унгарија, победникот од Белгија/Италија – Црна Гора, Грција – Холандија, Романија – Чешка, Словенија – Швајцарија, Португалија – Босна и Херцеговина, Исланд – победникот од Естонија/Украина, Полска – победникот од Израел/Словачка и Грузија – Австрија.

Покрај трите соорганизатори и победниците од 11. дуели во баражот, Европа на СП 2025 ќе ја претставуваат уште Франција, Германија и Шведска.