Британскиот весник „Економист“ трета година едноподруго ја стави Македонија во групата хибридни режими, сместувајќи ја на 78. место меѓу 165 земји и две територии со индекс на демократија 5,87 од можни 10.
Македонската демократија во 2018 година била на ниво на таа во Украина, Ел Салвадор и Боливија, а од девет земји од опкружувањето е полоша од шест, вклучувајќи ја и Албанија со индекс на демократија 5,98. Подобри од Македонија се и Словенија со 7,50, Грција со 7,29, Бугарија со 7,03, Хрватска со 6,57 и Србија со 6,41, а полоши се само Црна Гора со 5,74 и Босна и Херцеговина со 4,98.
Македонија најдобро стои во категоријата граѓански слободи со индекс 7,06, а најслабо според политичката култура (3,75). Владата добила оценка 5,36, изборниот процес и плурализмот 6,50 и учеството во креирањето политики 6,67.
Најдемократска држава во светот минатата година била Норвешка со индекс 9,87, а на дното е Северна Кореја со 1,06.





