Кога Македонија слави 150 години јубилеј на Македонски железници, возовите во земјава веќе осми ден стојат во место. Вработените во „Железници Транспорт“ бојкотираат од минатиот петок, а денеска имале прва средба со новиот директор, Зуљхајрат Демири. Како што истакна Тони Димовски од Синдикатот на машиновозачи, на состанокот им било ветено дека вториот дел од февруарска плата ќе им биде исплатен најдоцна до вторник. Дотогаш, вработените остануваат на ставот да ја бојкотираат работата.

- – „Директорот кажа околу исплата на платата, дека може да ја исплати најдоцна до вторник. После таа средба, останавме со колегите на собир. Колегите одлучија да продолжат со бојкотот до исплата на платата за втор дел“, изјави Тони Димовски, претседател на машиновозачи.
Димовски додаде дека барањето за вработување на нови 40 машиновозачи, со цел подобро да се одговори на предизвикот, било прифатено од надлежните. За проблемите на кои наидуваат македонските железници е свесен и директорот на Македонски железници – инфраструктура, Хари Локвенец. Тој верува дека сите препреки ќе се совладаат, за доброто на корисниците на железничкиот сообраќај.
- – „Проблемите ги има и ние сме тука да ги решаваме. Најчесто ги пресретнуваме. Меѓутоа, ако не стигнеме да ги пресретнеме кога ќе се појават, се обидуваме во најбрз можен рок да ги решиме“, изјави, Хари Локвенец, директор на Македонски железници инфраструктура.
На 9-ти април далечната 1873 година во Велес пристигнал првиот воз од Солун, а на 9-ти август истата година, пристигнал првиот воза од Солун во Скопје. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи на денешниот јубилеј порача дека Владата дава максимална поддршка за железничиот сообраќај, потенцирајќи го спојувањето на земјава со соседна Бугарија преку железничка пруга.

- – „Владата ги препознава предностите на железничкиот сообраќај и токму затоа не изостанува нашата поддршка за железницата преку државниот буџет, а со изградбата на железничкиот Коридор 8 кон Бугарија си градиме и европска иднина за нас но и за Железницата“, изјави Битиќи.
За вицепремиерот оваа инвестиција за нашите компании значи нови европски пазари, преку поекономичен превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата во Бургас и Варна во Бугарија и Драч во Албанија, што е од исклучителнаважност за нашата економија но и генерално за соработката на регионот во целина.





