Ристе Велковски, вршител на должноста македонски амбасадор во Босна и Херцеговина, за време на денешната посета на Биелина објави дека Македонија сака да отвори почесен конзулат во градот.
Биелина е избрана поради специфичната географска положба – близината со Србија и со Хрватска, но и со реките Дрина и Сава, објасни Велковски на средбата со претставниците на градската управа.
„Исклучителна чест би ни претставувало македонското знаме да се виори во Биелина. Првпат сум тука и големо задоволство ми е што го посетив овој град. Разговаравме за унапредување на економската соработка, со оглед на тоа дека макењдонскиот град Куманово е збратимен со Биелина и веќе постои соработка во културата и во спортот“, изјави Велковски, додавајќи дека во план е поврзување и на стопанските комори.
Заменикот-градоначалник на Биелина, Драган Ѓурѓевиќ, изрази очекување дека соработката со Македонија ќе се развива првенствено во дрвопреработувачката индустрија, но и во производството и преработката на овошје.





