Аутсајдерот Лихтенштајн го плати цехот за несреќниот пораз на Македонија од 3:2 во Романија, па „црвено-жолтите“ со триумф од 5:0 ќе заминат на првиот дуел воопшто со Германија в среда во Дуизбург во квалификациите за Светското првенство 2022 во Катар.
Енис Барди го отвори резултатот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје уште во 7. минута од слободен удар, благодарејќи на невештата интервенција на гостинскиот голман Бенјамин Бихел.
Ако и имаше некаква неизвесност, ја отстрани Александар Трајковски со два гола во 51. и 54. минута, зголеми Елиф Елмас во 62. минута, а точка стави Илија Несторовски од пенал во 82. минута.
Со двата погодока Трајковски се издвои на второто место на листата на стрелците во македонскиот национален тим со вкупно 18, двојно помалку од лидерот Горан Пандев.
Апсолутната доминација на избраниците на селекторот Игор Ангеловски ја потврдува статистиката: Македонија упати 21 удар, од кои 11 во рамките на голот, а Лихтенштајн само два, од кои еден во рамките на голот.
Со максимални 6 бода од првите две кола во групата Ј водат Германија, која славеше во дербито во Романија со 1:0, како и Ерменија, која дома беше подобра од Исланд со 2:0.






