Четири и пол месеци од почетокот на епидемијата од коронавирус во регионот Македонија го држи првото место по бројот на активни случаи на сто илјади жители.
Заклучно со вчерашниот ден, во Македонија има 169 активно заболени на сто илјади жители. Зад неа е Црна Гора со 130, па следуваат Косово со 129, Босна и Херцеговина со 100, Србија со 56, Албанија со 49, Хрватска со 27 и Словенија со 13.
Македонија е прва и во однос на бројот на заразени во однос на бројот на жители со 3.835 на милион граѓани. Второ е Косово со 2.619, трета Србија со 2.589, па следуваат БиХ со 1.911, Црна Гора со 1.848, Албанија со 1.147, Хрватска со 900 и Словенија со 883.
Врз основа на смртноста во однос на бројот на инфицирани, Македонија е втора со 4,71 отсто. Пред неа е само Словенија со 6,08, а зад Македонија се Хрватска со 3,21, потоа БиХ со 3,07, Албанија со 2,63, Србија со 2,11 и Црна Гора со 1,98.
Во однос на бројот на тестови, пак, Македонија е четврта во регионот со 36.590 на милион жители до вчера. Пред неа се Србија со 69.805, Словенија со 55.098 и Црна Гора со 38.152, а зад Македонија се БиХ со 30.847 и Хрватска со 22.747.






