Со победа над Луксембург од 28:23 и во реваншот на гости, машката ракометна репрезентација на Македонија обезбеди учество на Европското првенство 2024 во Германија едно коло пред крајот на квалификациите, кои ќе завршат в недела од 18 часот против Турција во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
За разлика од првиот меѓусебен дуел, аутсајдерот во групата овојпат им даде многу посилен отпор на „црвено-жолтите“, посебно во првото полувреме, во кое водеше и со два гола разлика, а во 20. минута имаше 9:8.
Домашните ракометари имаа резултатски приклучок до 16:17 во 41. минута, а потоа избраниците на селекторот Кирил Лазаров постепено ја зголемуваа предноста и рутински стигнаа до третиот триумф во групата, во која лидерот Португалија славеше со 37:35 во Турција.
Филип Талески беше најефикасен во македонскиот состав со 8 гола од 11 обиди, а значаен придонес за успехот даде и голманот Марко Кизиќ со своите 10 одбрани.






