Како и против Италија во Палермо, фудбалската репрезентација на Македонија ќе игра пред полни трибини и против Португалија на стадионот „Драгао“ во Порто во финалето од баражот за Светското првенство во Катар, закажано за вторник од 20:45 часот.



Сите 50 илјади влезници по цени од 10 до 15 евра се распродадоа само за неколку часа, а многу навивачи останаа разочарани и со празни раце во долгите „опашки“ пред билетарниците на стадионот и во големиот ланец супермаркети во целата држава.

Сега картите за неочекуваниот дуел на Кристијано Роналдо и соиграчите од репрезентацијата со Македонија на црниот пазар се продаваат по 200 евра.

„Тоа се фановите, кои ни помогнаа да ја освоиме Лигата на нациите на УЕФА“, изјави напаѓачот Бернардо Силва на прес-конференцијата за третиот меѓусебен дуел со „црвено-жолтите“ по двата пријателски, во кои Португалија има победа од 1:0 и реми 0:0.

„Неверојатна е атмосферата секој пат кога играме пред нашите навивачи. Во четвртокот тие играа важна улога за победата над Турција и очекувам така да биде и во вторник против Македонија. Најголемиот притисок за нас не доаѓа од противникот, туку од нашата одговорност да се најдеме во Катар годинава“, додаде играчот за врска на Манчестер Сити.