Стеван Гаиќ од белгрaдскиот Институт за европски студии смета дека „по пучот минатата година, со кој раководеше американската амбасада во Скопје, кога за претседател на македонскиот парламент во најмала рака на сомнителен начин е избран Талат Џафери“, Македонија повеќе не е национална држава на македонскиот народ.



„Тоа што се случува во Македонија, тоа е цепење на општеството одвнатре. Македонија е можеби формално една земја, но таа е практично веќе наполно етнички поделена и со неодамнешниот закон со кој албанскиот јазик е израмнет со македонскиот, тоа повеќе не е македонска национална држава, што беше, веројатно, сон на мнозинството Македонци во моментот на одвојување на Македонија од Југославија“, изјави Гаиќ за српското издание на „Спутник“.

Покрај „Тиранска платформа“, во која е зацртано издигнувањето на албанскиот јазик на ниво со македонскиот во државата, според него, постои и „Софиска платформа“, односно мешање на бугарската држава во македонската внатрешна политика. Суштината, смета тој, е ребугаризација на словенското население во Македонија и уништување на нејзиниот кревок национален идентитет.

Посетата на министерката за одбрана Радмила Шекеринска на Вашингтон тој ја гледа како разговор на вазал со метропола.

„Мислам дека гледаме реприза на една здодевна серија. Неодамна тоа го видовме и со Црна Гора. Мислам дека, ако грчкото општество не успее да се спротивстави на договорот за името, Македонија многу брзо ќе влезе во НАТО“, очекува Гаиќ.

„Она што е јасно е дека НАТО ја турка таа агенда и оти нему му е најбитно Македонија да влезе во Алијансата не заради прочуената македонска фаланга и армада што би го покорила евроазискиот континент, туку и тоа дупче во заднината на НАТО да се пополни. Така што мислам дека ќе сторат сè тоа да помине“, додава тој.