Македонија подобра од Малта на стартот од квалификациите за ЕП во фудбал

Фудбалската репрезентација на Македонија тргна со победа над Малта од 2:1 во Скопје во квалификациите за Европското првенство 2024 во Германија.



По првото полувреме без ниту еден удар во рамките на голот, „црвено-жолтите“ во притиснаа, посебно по влегувањето на Дарко Чурлинов и Илија Несторовски, што резултира со два погодока за шест минути – прво Елиф Елмас го отвори резултатот во 66. минута, за Чурлинов да ја зголеми предноста во 72. минута.

Претходно, при 0:0 во 60. минута, естонскиот судија Кристо Тохвер прво досуди пенал по стартот на Рајан Камензули врз Бојан Миовски, но по сугестија од ВАР-собата ја прегледа снимката и ја поништи својата првична одлука, а му даде и жолт картон на Миовски за симулирање.

Малтежаните намалија во 86. минута по една мешаница во петерецот на Столе Димитриевски, во која најдобро се снајде нововлезениот Јаник Јанкам.

Енис Барди во последната минута од основниот делја погоди пречката, а во третата минута од судиското дополнување на времето Тохвер му покажа директен црвен картон на македонскиот селектор Благоја Милевски за протестите кај четвртиот судија за недосуден прекршок во напад во нашиот шеснаесетник.

Во другиот натпревар од групата Ц, реприза на финалето од последното ЕП, Англија ѝ се реваншира на Италија, совладувајќи ја со 2:1 во Неапол.

По шестата победа во седмиот меѓусебен дуел со Малта, покрај едно реми, избраниците на селекторот Милевски в понеделник од 18 часот ќе одиграат пријателски меч со Фарски Острови исто така на Националната арена „Тодор Проески“.

Во квалификациите за ЕП, пак, Македонија продолжува на 16 јуни, кога ќе ја пречека Украина, а три дена подоцна ќе ѝ гостува на Англија, со која поведоа на табелата со по 3 бода.