Две дијаметрално спротивни полувремиња и на крајот пораз од 3:2 на фудбалската репрезентација на Македонија против Украина во Скопје во квалификациите за Европското првенство 2024 во Германија.
Избраниците на селекторот Благој Милевски, кој поради црвениот картон против Малта не ја водеше селекцијата од клупата, одиграа одлично прво полувреме, кое го добија со 2:0 со успешно изведениот пенал од Енис Барди во 31 минута и со евроголот на Елиф Елмас осум минути подоцна.
Во првите 45 минути „црвено-жолтите“ имаа 11 удари кон противничкиот гол наспроти само двата на Украинците, а во рамките на голот 4 наспроти ниту еден на гостите.
Но, по израмнетата игра во почетокот на вториот дел сè падна во вода кога Илја Забарни во 62 минута и Јухим Конопља пет минути подоцна ги реализираа првите два удара во рамките на македонскиот гол!
Дополнителен удар за домаќинот беше исклучувањето на Висар Муслиу во 73 минута поради втор жолт картон, а тоа Украина го искористи преку Виктор Циганков седум минути пред крајот.
В понеделник од 20:45 часот на „Олд Трафорд“ во Манчестер македонските фудбалери ќе му излезат на мегдан на лидерот Англија, која ја декласира Малта во Ла Валета со 4:0.
До третото гостување на Островот Македонија ќе биде трета во групата Ц со 3 бода, колку што имаат и второпласираната Италија, како и Украина на четвртото место. Води Англија со 9, а Малта е последна без бодови.






