Под мотото „За луѓето се работи”, Македонија од денеска го презема претседавањето со ОБСЕ, најголемата безбедносна организација во која членуваат 57 земји и 11 медитерански и азиски земји-партнери на организација



„2023 година ќе биде важна година за меѓународната позиција на Република Северна Македонија. Зајакнатото меѓународно профилирање значи долгорочен влог во економски развој, нови можности за младите и стабилност. Во услови на војна во регионот на ОБСЕ и сложени политички односи помеѓу земјите учеснички ќе се фокусираме на намалување на тензиите, обновување на довербата, просперитетот и севкупната безбедноста на луѓето”, подвлече министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ во 2023 година“, Бујар Османи во своето новогодишно обраќање до јавноста.

„Северна Македонија досега многу пати го покажала својот капацитет, дека преку политички дијалог, демократски средства и демократско владеење ги остварува своите цели како на домашен, така и на меѓународен план. Сега имаме можност со таа наша зрелост и знаење да бидеме клучен играч, да ги водиме и да придонесуваме за меѓународните политики и процеси”, нагласи министерот Османи.

„Фокусот на претседавањето ќе биде ставен врз хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност. Во тој контекст, приоритет ќе се стави на и теренските мисии., при што ќе се преземат и поддржат конкретни активности со цел олеснување на животот на луѓето, унапредувањато на нивните права и слободи”, истакна Османи.